Состанок со GS1 in Europe

Тимот на GS1 Македонија имаше можност да оствари средба со генералниот секретар на GS1 in Europe Camille Dreyfus. GS1 in Еurope ги обединува европските GS1 организации и брои 49 членки и има главна задача да го унапредува развојот, прифаќањето и имплементирањето на GS1 стандардите во земјите од ЕУ и другите европски земји. Организацијата е вистински европска, вклучувајќи вработени од различни европски земји, кои соработуваат заеднички и преку размена на идеи овозможуваат формирање на идните цели на организацијата.

При средбата со Camille примарно беше разговарано за промените кои се случуваат моментално во европската легислатива и како тие регулативи ќе влијаат на државите кои не се во Европската унија, меѓутоа извезуваат во земјите од Унијата. Клучна ваква регулатива претставува дигиталниот пасош, која што е во моментов на разгледување во европската комисија и која ќе биде првата регулатива која ќе го отвори патот кон дигитализацијата на производите и ќе ја стави во фокус важноста на податоците за производите на прво место, како основен предуслов за зелената агенда, информираноста на потрошувачите и секако ќе биде во чекор со дигиталната ера и стремежите за дигиталното општество.

Дигиталниот пасош всушност ќе се имплементира преку поставување на QR код на амбалажата на производите и преку скенирање на овој бар код, корисниците ќе може да добијат податоци за 7-те основни податоци (бар код, име на бренд, име на производ, класификација, нето содржина, слика, земја на продажба), кои веќе се собираат како дел од GS1 Registry проектот во голем број земји во светот, но и податоци за рециклирањето, обновливоста на пакувањето и секако податоци за начинот на производство. Очекувањата се дека регулативата за дигиталниот пасош ќе биде изгласана во 2023 година и ќе важи не само за производителите и дистрибутерите во ЕУ, туку и за секоја компанија која увезува во ЕУ, што значи дека и нашите македонски компании ќе се судрат со оваа регулатива.

Примарни индустрии за кои ќе важи новата регулатива се: производството на батерии, текстилната индустрија и производството на алкохолни пијалоци.

Како GS1 Македонија наша задача е да се направат подготовките преку собирање на податоците и овозможување на непречена имплементација на регулативата преку поврзување со провајдери во ЕУ, каде што извозните производи ќе бидат поставени, односно да се искористи воспоставената платформа за нашите компании да бидат во согласност со новите регулативи.

Предлогот на Camille е да се искористат веќе воспоставените системи, изградени од GS1 организациите (националните и GS1 глобалната организација) како што се GTIN и GLN регистрите и кои ги користат голем број GS1 организации, бидејќи од една страна сигурни сме дека податоците се споделени глобално, а од друга страна само одржување на системите го врши GS1 глобалната организација и е пооптимално решение за разлика од развој на локален софтверски производ.

Во текот на состанокот, ја информиравме за отпочнатите активности со балканската група на GS1 организации, примарно во секторот маркетинг, каде што се разменуваат информации и најдобри практики од шест GS1 организации и во која учествува и GS1 Македонија.

Бевме информирани за активностите на GS1 in Europe во рамките на лобирањето во европските институции, припремите за GS1 Глобалниот форум и 50-тата годишнина на GS1, иницијативите за соработка меѓу GS1 организациите примарно во Европа и разговаравме за нашите видувања околу процесот на дигитализација – кој што ќе биде главна тема на дискусија во GS1 организацијата во наредните години.

На самиот крај ја начнавме дискусијата околу 2D бар кодовите и најавите за миграција од 1D во 2D бар кодови, односно користење на дводимензионалниот DataMatrix на местата за продажба до крајот на 2027 година. Ова ќе биде постигнато со софтверско ажурирање на скенерите, бидејќи поголемиот дел од нив веќе имаат можности за 2D скенирање, но јасно е дека ваквата миграција нема да се случи преку ноќ и со подеднакво темпо секаде во светот.

Во текот на состанокот ги презентиравме нашите проекти на кои работевме минатите години и ја објаснавме ситуацијата на нашите компании и спремноста за имплементација на GS1 стандарди во различните индустриски сектори, при што добивме потврда дека се користени можностите во тој опсег колку што е возможно за да се реализираат одредени активности.

Camille и GS1 in Europe исто така се обврзаа дека во претстојниот период ќе ја интензивираат комуникацијата и средбите со сите балкански GS1 организации, бидејќи поради здравствената криза овој дел од Европа беше на некој начин дистанциран.

Корисни линкови