Интервју со г-дин Огнен Огненоски, генерален менаџер и ко-сопственик на Таргет Груп ДОО Скопје

Jim Spittle

Вашата компанија ТАРГЕТ ГРУП има работи со бонитетни извештаи и финансиски податоци. Дали може да ни дадете Ваше предвидување во однос на тоа колкав дел од македонските компании се занимаваат со извоз во западно-европските земји и какви се барањата од странските трговски партнери?


Како бонитетна куќа Таргет Груп секојдневно го анализира финансиското работење изготвувајќи бонитети за македонски компании, но и компаниите од Светот. Како најголеми трговски партнери на Македонија се Германија, Бугарија, Србија, Грција, Италија и Косово, каде како доминантна држава во извозот е Германија која самостојно учествува со повеќе од 47% во вкупниот извоз. Од Балканскиот Регион, постои потенцијал за зголемување на трговијата со Албанија, Црна Гора, БиХ и Хрватска бидејќи моментално постои, но е на ниско ниво. Од аспект на категориите на производи кои се извезуваат/увезуваат, најголем процент од размената е на “Производи класирани според материјалот” со 2,5 милијарди евра годишен увоз, “Машини и транспортни уреди” со приближно идентичен увоз и извоз од 1,5 милијарди евра и една милијарда евра во извоз надминуваат и “Хемиски и Сродни производи”, со изедначени увоз и извоз. Проверката на бонитетот за странските потенцијални клиенти е од суштинска важност и мора да претставува обврска пред започнување соработка.


Кои се финансиските перформанси на компаниите кои се дел од секторот за транспорт и логистика?


Таргет Груп направи финансиска анализа на 1460 активни компании од секторот на транспорт и логистика кои функционираат на територија на Република Македонија. Накратко ќе сумирам неколку информации од резултатите: вкупните приходи на овие компании изнесуваат 1,12 милијарди евра за 2018-та година и секторот бележи раст на приходите од 4% во споредба со 2017-та година. Оваа индустрија вработува повеќе од 20.000 луѓе и остварува вкупен профит од 71,5 милиони евра. Просечната исплатена нето плата по вработен за целиот сектор изнесува нешто повеќе 17.200 денари за 2018-та година. Деталите од оваа анализа ќе бидат претставени на годинешната конференција на GS1 која ќе се одржи на 28-ми Ноември.


Дали имате некои индикации од македонските компании во однос на важноста од имплементацијата и подобрувањата во самото функционирање во однос на GS1 стандардите?


Најголем број од компаниите од Македонија веќе користат означување со бар кодови на пакувањата на основно ниво, извозните компании користат логистички етикети и електронската размена на документи се повеќе се проширува. За е-трговијата многу се важни точни и ажурни податоци, а GS1 стандардите преку електронскиот каталог овозможуваат вакви податоци во дигитален формат.


На 25-ти Октомври презентиравте детално истражување за Македонската е-трговија. Дали сметате дека е-трговијата ќе биде водечкиот сегмент кој што ќе доведе до промени и во транспортот и логистиката во компаниите кои се вклучени во е-трговијата?


Е-трговијата го подобрува целокупното работење на компанијата. Со нејзина имплементација како нов канал за продажба компанијата го подобрува целосниот процес на работење, станува отворена кон нови купувачи, се забрзува пристапот до нови пазари и значајно влијае на намалувањето на оперативните трошоци. Дефинитивно живееме во декада кога е-трговијата зема се поголем замав со годишен раст од над 20%, па и очекувањата се дека до 2022-ра година ќе дојде до 80 процентно зголемување на приходите кај компаниите остварени по пат на е-трговија. Компаниите од дејноста на транспорт и логистика мора интензивно да инвестираат во овој начин на продажба за да очекуваме значителни подобрувања во однос на севкупното работење на ниво на сектор, едноставно мора да ги следат светските трендови за да останат во трка со компаниите од регионот и пошироко.


Дали според вас е-трговијата се соочува со проблеми од аспект на испораката на производите до самите потрошувачи?


Еден од клучните проблеми со кои се соочува е-трговијата во Македонија е токму испораката на производите до крајните потрошувачи бидејќи не се почитува времето на испорака и начинот на достава. Секако вината е-продавниците ја бараат кај компаниите кои најчесто се посредници и ја вршат самата испорака, но од гледна точка на потрошувачите е-продавницата е таа која не ја извршува испораката навремено и професионално. Едноставно поради несоодветната испорака, потрошувачите немаат доверба во е-продавниците во целост и потребен е стратегиски пристап за решавање на проблемот на ниво на сектор, а не поединечно на ниво на компанија.

Алтернативата за која ние сметаме дека е соодветен за решавање на проблемот е групирање на нарачките за компанијата која ги испорачува производите, односно наместо да дистрибуира за една е-продавница да го извршува истото за многу повеќе со што значително би се намалиле трошоците. Уште посоодветно е основање на компанија за испорака од самите е-продавници, со што би се контролирал целиот процес до крајниот купец.


Какви се според Вас, најважните сегменти на кои македонските компании треба да посветат најмногу внимание во престојниот период за да бидат конкурентни на светските пазари?


Компаниите мораат непречено да инвестираат во нови знаења, технологии и вмрежувања односно стратешки партнерства. Светот оди многу побрзо одошто ние мислиме и доколку компаниите го остават работењето на случајност односно природна инерција ризикуваат да се соочат со вистински проблеми во блиска иднина. Непреченото инвестирање во човечките капацитети е долгорочна стратегија која исто така води кон сигурен успех, но притоа мора компаниите да бидат во тек со сите нови технологии и нивна имплементација во работењето, а како најважно од се сметам дека претставува изборот на вистински партнер во развојот и работењето бидејќи ``know how-то`` кое можеме да го добиеме однадвор може да ни скрати животен развој на копанијата од неколку клучни години.