еИнфo
No24 - јуни 2015


Превземи PDF 

СОДРЖИНА

Саудиското регулаторно тело за Храна и Лекови (SFDA) и GS1 Саудиска Арабија потпишаа Меморандум за Разбирање

Модернизација на Синџирот на Снабдување со фармацевтски прoизводи во јавните болници во Хонг Конг

EPC/RFID го револуционизира здравството со користење на паметни хируршки елементи

EPC/RFID го револуционизира здравството со користење на паметни хируршки елементи

EPC/RFID освен за следење на средства оди чекор понатаму во следливоста со цел да се оптимизираат клиничките операции.

    Електронскиот продукт код со радиофреквентна идентификација – EPC/RFID, веќе се користи во голем број на болници во светот за следење на средства. Активни и пасивни RFID тагови се користат за управување со инвентарот во магацините и следење на средства како инвалидски колички, кревети, инфузиони пумпи и друга опрема. Болниците трошат премногу време и пари за пронајдување на опремата, а трошоците се зголемуваат и за чување резервна опрема, поради можноста истата лесно да се загуби, а тешко да се пронајде. Во зголемените трошоци значителен удел има и скапата опрема која се губи поради различни причини. Радио фреквентната технологија може да Ви заштеди и време и пари со овозможувањето на сервиси и податоци за реално временско лоцирање на средствата и опремата.

Барања во здравствениот сектор

    Имплементирањето на RFID решенијата во рамките на една болница може да биде многу предизвикувачки проект. Овие градби се значително „радио осетливи“, понекогаш во нив има и неколку безжични мрежи кои функционираат на неколку катови. Дополнително постојат и голем број на извори на интерференција, вклучувајќи големи метални колички и друга опрема. Инсталацијата на RFID читачи е предизвик поради ограничениот простор или поради мерките за безбедност, а RFID системот треба да функционира на тој начин што нема да прави интерференција или да ја попречува функцијата на осетливата медицинска опрема.

    Користењето на RFID за следење на средства и други примени има значителна предност во однос на другите видови на решенија како на пример бар кодовите, бидејќи кај оваа технологија нема потреба предметите да бидат видливи за да се идентификуваат, што е случај со бар кодовите. Средствата и персоналот можат да бидат локализирани и идентификувани во реално време од една централизирана локација (пример, мониторинг соба).

GS1 Каталог

    Болниците вообичаено имплементираат еден од двата типа на RFID технологии, пасивна RFID технологија и активна RFID технологија или WiFi базиран систем (често кога се мисли на реално временски локациски систем, RTLS, се мисли на ова решение).

    Реално временските локациски сервиси, обезбедуваат високо ниво на прецизност за време на лоцирањето. Сепак не сите примени имаат потреба од оваа можност што ја пружа оваа технологија. RTLS решенијата се поскапи за имплементација, со RFID тагови кои чинат и од 30 до 40 пати повеќе од цената на чинење на пасивните RFID тагови. Иако ова решение може да ја користи и постојната безжична мрежна инсталација, сепак потребна е инсталација на нови пристапни точки за да се обезбеди поголема точност на означените ствари со активни RFID тагови.

    Пасивните RFID тагови имаат голема предност во однос на цената на чинење. Постојат две варијанти на пасивни RFID тагови кои се користат за оваа примена и тоа тагови со висока фреквенција (HF) и тагови со ултра висока фреквенција (UHF). Високо фреквентните тагови вообичаено имаат раб бидејќи истите можат да се користат за уникатна идентификација на ствари од блиско растојание и истите може да се користат на метал или близу течности (што типично интерферира со RFID сигналот).

    Денес во болниците најчесто се користат EPC/RFID таговите кои работат на UHF фреквенција и UHF читачите може да се конфигурираат на тој начин да ги читаат само таговите кои треба да бидат прочитани. Во операционите соби, предноста од користењето на EPC/RFID технологијата е можноста за брзо истовремено читање на голем број на означени хируршки инструменти, илустративно - за комплексни операции бројот на инструменти кои се користат може да стигне и до 600.

GS1 Каталог

    Пасивните EPC/RFID UHF тагови имаат ниска цена на чинење и голема флексибилност и можат да се модифицираат за употреба со било кој тип на средства. Со овие тагови преку RFID нараквици може да се означуваат и пациенти. Во истражувањето објавено во списанието „Patient Safety in Surgery, Steffen et.al.2010“ покажано е дека RFID таговите успешно функционираат дури и на изложеност на процедури за скенирање со магнетна резонанса (MRI) или компјутерска томографија (CT).

    Но дали овие видови на RFID тагови се безбедни за користење близу сензитивни медицински инструменти и уреди? За време на тестирањето, UHF таговите покажуваат одреден степен на електромагнетна интерференција со болничката опрема. Студија направена во 2008 година во не клиничка околина од страна на Универзитетот во Амстердам, а објавена во списанието „Journal of the American Medical Association, van der Togt et al.2008“, откри дека пасивната RFID технологија генерира слаба интерференција кога RFID опремата е ставена премногу блиску до медицинската опрема. По оваа студија, истражувачи од Универзитетот во Индијана со RFID производителот BlueBean спроведуваат студија „RFID Usage in the Patient-Care-Environment“ и докажуваат дека таква интерференција не постои кога RFID технологијата се користи во клиничка околина.

    Иако ризикот е минимален, болниците треба да спроведат EMI тест за електромагнетна интерференција пред да ја имплементираат оваа технологија со цел да знаат во кои точки од просторот може истата да се појави.

Не се користи повеќе само за управување со средства

    Примарна употреба на RFID технологијата во болниците е за управување со средства. Тимот на AMR Research со направена студија дошол до податок дека меѓу 10 и 20 проценти од најупотребуваните мобилни средства кои се користат во болниците се изгубени или украдени за време на нивниот животен век. Просечната вредност на овие средства е 3.000 $ по единечно средство.

    Користењето на EPC/RFID технологијата може да го олесни следењето на овие средства и со тоа да ги намали трошоците и зголеми ефикасноста, а да го намали непотребното време потрошено од клиничкиот персонал на не клинички задачи – како пребарување на изгубена опрема.

GS1 Каталог

    Како што претходно беше спомнато, EPC/RFID технологијата може да се користи и за следење на пациенти (на пример, да се спречат пациентите со деменција да ја напуштат болничката зграда или да се спречи замена на бебиња). Постојат и голем број на други примени и иновативни системи кои се развиваат и ги користат предностите на пасивните RFID чипови, кои комбинирани меѓу себе даваат безбројни можности.

Нема инструмент што е изоставен од обележувањето со RFID

    Секоја операција вообичаено побарува десетици или стотици различни инструменти од комплексни инструменти до тенки сунѓери. За жал, најмалите од овие инструменти, често се забораваат во самиот пациент освен ако секој инструмент не се изброи внимателно на крајот на процедурата.

    Оставениот инструмент во пациентот може да доведе до инфекција и други компликации кои значително ја зголемуваат сумата потребна за нега на тој пациент, па можат да доведат и до негова смрт. Доколку дадениот предмет не може да се преброи на крајот на процедурата, персоналот мора да го лоцира пред процедурата да биде завршена. Цената на чинење на ова потрошено време изразено во клиничко време е приближно од 150$ до 400$ по минута, во развиените земји.

    Најчесто изгубени предмети кои не можат да се најдат се сунѓерите или крпите. Техничкиот термин на заборавен медицински термин е „gossypiboma“ и доколку оваа ситуација не се детектира и отстрани за кратко време истиот може да доведе до формирање на маса која често се помешува со тумори.

    Во 2008 година според „Annals of Surgery 2008“ бројот на грешки со инструменти и сунѓери достигнува и до 12.5% од вкупниот број изведени интервенции. Бројот на вакви инциденти според други проценки изнесува 1 во 1.000 операции и 1 во 5.000 операции.

GS1 Каталог

    Со предностите кои ги даваат малите, пасивни RFID тагови, повеќето хируршки инструменти можат да се означат и автоматски пребројат. Со користење на RFID технологијата, персоналот нема да мора рачно да ги брои инструментите пред или после одредена процедура, инструментите може да бидат следени и низ процесот на нивно исфрлање и/или стерилизација, за да се обезбеди да инструментот секој пат биде соодветно дезинфициран после секоја операција.

Greenville Hospital System универзитетски медицински центар

    EPC/RFID технологијата може да се искористи и за спречување на губењето на хируршките инструменти по завршетокот на хируршката интервенција. Greenville Hospital System универзитетскиот медицински центар, од САД, имплементира UHF RFID технологија за следење на скапите хируршки инструменти и друга опрема со цел да се намали загубата од изгубени инструменти и време поминато во лоцирање на опремата.

GS1 Каталог

    Integrated Business System and Services (IBSS) и Jamison Door развија RFID портал кој што е инсталиран во ходниците на болницата и го чита составот на количките за отпад кои одат во пералната и просториите за деконтаминации. Порталот се состои од Thing Magic Mercury5 RFID читачи и антени кои ги читаат RFID таговите прикачени на хируршките елементи. Користени се Xreafy тагови, поради нивните мали димензии, кои можат да се прикачат на хируршките инструменти без да сметаат во нивното користење.

    Проблемот е кај сондите кои се губат меѓу пакетите, постелнината од креветите и креветите. После имплементацијата доколку дадена сонда или друг инструмент е изгубен, порталот алармира преку аудио аларм и маил до надлежните со цел тој инструмент или сонда да се пронајдат и вратат на своето место. Од извештаите на болницата може да се виде дека ни еден инструмент или сонда не е изгубена по имплементацијата на овој систем. Во моментот покрај инструментите и сондите во оваа болница се следат и повеќе од 5.000 мобилни медицински средства.

Различен вид на навигација

    Вообичаено кога се зборува за навигација ние мислиме на навигациона технологија што е ставена во автомобил и ни помага да стигнеме до дадена дестинација со попатни инструкции. Како и да е, различен вид на навигација помага во прецизното позиционирање на хируршките инструменти за време на минимално инвазивни, компјутерски помогнати хируршки процедури, како во ортопедската хирургија, хирургијата на рбетот, невролошки процедури и некои операции на уво, нос и грло. Во моментот хирурзите зависат од оптичките и електромагнетните системи со кои ги позиционираат инструментите во реално време.

GS1 Каталог

    Истражувачите во Германија во Amedo Samrt Tracking Solutions GmbH, Бохум, Германија, тестираа систем кој користи пасивни UHF-RFID транспондери за следење и за точна хируршка навигација на различни медицински уреди, овозможувајќи милиметарска прецизност по цена за многу пати пониска од моменталните технологии.

    Хируршките процедури во кои се користи опрема за прецизно изведување на интервенциите, резултираат со подобар резултат и помал број на компликации. RFID обезбедува ценовно поефикасен и по точен начин за постигнување на ова со технологија која што е многу поедноставна за употреба во клиниките.

    RFID се користи и за следење на пациенти за време на зрачењето со радиотерапијата за третирање на пациенти заболени со рак во полето на „image guided radio therapy (IGRT) “. RFID таговите се поставуваат на пациентот, се следи движењето на пациентот и системот ќе алармира доколку тој е надвор од безбедниот опсег на радиоактивниот зрак. На тој начин се спречува оштетувањето на здравото ткиво (практично во мозочното ткиво) за време на овие комплексни процедури.

Заклучок

    Болниците и другите здравствени институции се под огромен притисок за зголемување на безбедноста на пациентите и квалитетот и безбедноста на здравствените услуги, а истовремено се бара да се кратат трошоците и зголеми продуктивноста. EPC/RFID технологијата е докажана алатка за зголемување на ефикасноста и продуктивноста во следењето на средствата во болниците, следење на пациентите, зголемување на безбедноста, следење на примероци и менаџирањето со медикаменти. Денес пасивните RFID тагови можат дополнително да помогнат во зголемувањето на безбедноста на пациентите и зголемување на приходите преку обезбедувањето на болниците со алатка за управување со хируршките инструменти, следење на употребата и стерилизацијата на опремата и можат да помогнат дури и во водењето на хирургот за време на комплексните хируршки процедури.