GS1 Македонија потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ

Настанот одржан на 27.10.2015 во Скопје, под мото „Заеднички да изградиме регистар на македонски производи по светски GS1 стандарди“, привлече големо внимание во Републикава. Учествуваа преку 100 претставници на компании кои се во бизнисот со храна, 10 медиуми директно го покриваа настанот и објавено е на 20 портали.

Во свечениот дел на настанот се потпиша Меморандум за соработка, како круна на повеќегодишната успешна комплементарна координирана активност помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и GS1 Македонија во насока на воспоставување меѓусебни релации кои произлегуваат од надлежностите на двете страни и согласно потребите на стопанството, за изградба на поефикасен и поефективен систем на безбедност и квалитет на храната.

Со цел имплементација на прописите кои се однесуваат на безбедноста на храната од страна на бизнис заедницата, а во функција на производство на квалитетни и безбедни производи, договорните страни се согласија целта на овој Меморандум да ја реализираат преку преземање на заеднички активности за обука и едукација на бизнис заедницата и размена на податоци во интерес на двете страни и развој на стопанството.

Во поздравното обраќање до присутните Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија ги објасни целите и бенефитите за бизнис заедницата од заедничките активности на АХВ и GS1 Македонија во имплементирањето на европските регулативи преточени во македонски закони од областа на следливоста и безбедноста на храната: - - Новиот правилник кој го донесе АХВ ќе го подигне нивото на заштита на здравјето и интересите на потрошувачите, ќе го осигури правото за јасно информирање без можности за измама и ќе овозможи унифицирање на прописите во означувањето на храната. Во таа насока ние во GS1 Македонија креиравме Каталог на производи по светски стандарди, кој денеска го промовираме комплетно редизајниран и со нови функционалности. Наша цел е GS1 Kаталогот да стане регистар на македонски производи, односно алатка за зголемување на конкурентноста на македонските производи и да им овозможи на македонските компании да добијат поголема видливост на своите производи, подобра презентација пред јавноста, зголемени можности за пласирање на своите производи на домашниот и странските пазари, подобра заштита на својата трговска марка и својот бренд, подобрување на имиџот на компанијата, можност да додадат нова вредност на своите производи и да ја зголемат пазарната вредност на компанијата.

-Воспоставувањето на ваквиот софистициран систем за следливост на храната е од исклучителна важност за сите фактори – производителите, преработувачите, дистрибутерите, трговците и потрошувачите. Тоа е основа и за зголемување на конкурентноста на компаниите вклучени во бизнисот со храна не само на домашниот, туку и на странските пазари каде што исто така безбедноста на храната и на храната за животни е врвен приоритет, истакна директорот на АХВ Зоран Поповски пред потпишувањето на Меморандумот.

Преку промовирање на меѓусебната соработка и координација во врска со сите прашања кои се од заеднички интерес и официјализирањето на соработката ќе се обезбедуваат податоци кои се од заеднички интерес за Агенцијата за храна и ветеринарство и GS1 Македонија, а се во функција на безбедноста на храната. GS1 стандардот, додаде тој, ги следи врвните безбедносни системи за храната и претставува алатка во која се имплементирани новите правила поврзани со информациите за храната кои сега се сублимирани во GS1 Каталогот кој денес го промовираме.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, GS1 Каталогот треба да стане единствен доверлив извор на информации за производите со македонски бар код и во иднина да се поврзе и да биде дел од глобалната мрежа на светските каталози. Според него неопходно е процесот на модернизација на производството адекватно да биде следен и со современа технологија за размена на информации и податоци за производите.Тоа е клуч на успех за секоја компанија и треба да биде визија за нејзин развој.

GS1 Каталогот е токму таква модерна технолошка алатка преку која нашите фирми може да ги промовираат своите производи- истакна Азески, и додаде дека за една година од првата верзија, GS1 Каталогот од систем за промоција на македонските производи, полека но сигурно, прераснува во платформа за развој на електронската трговија. Електронските каталози, on-line продажбата и електронската размена на податоците (ЕДИ) се модерни трендови во деловното работење низ светот, кои треба и ние да ги применуваме и развиваме.

-Во Македонија има многу стопански субјекти кои што работат по светски стандарди,а бројките потврдуваат дека нашиот извоз повеќе од 70 % е во земјите од ЕУ, па затоа е многу битно да ги исполнуваат бараните регулативи од ЕУ и домашните државни институции, што им го овозможува токму GS1 Каталогот - нагласи Азески.

Азески посочи дека денешниов настан е пример како може со заеднички активности и соработка помеѓу државните органи, бизнис заедницата и невладиниот сектор да се придонесе за развој на економијата во државата преку зголемена конкурентност и видливост на македонските производи, како што е партнерството на АХВ со Стопанската комора и GS1 Македонија.

Новите технологии се тренд на богатите економии кои треба и ние да ги прифатиме доколку сакаме да изградиме постабилна економија, укажа на промоцијата Симон Наумоски претседател на Управниот одбор на GS1 Македонија.

Тој нагласи дека GS1 системот е единствен меѓународен и мултисекторски систем на стандарди за идентификација на производи и услуги кој овозможува продуктивно и сигурно движење на производите, услугите и податоците низ дистрибутивниот синџир.

- GS1 Македонија како национална членка на Меѓународната GS1 организација е обврзана да ги развива сите стандарди кои се приоритет во работењето на Меѓународната организација. Тоа е примерот со Глобалната мрежа GDSN, која е платформа од 30 синхронизирани и лиценцирани каталози со кои менаџира GS1 Global Office, со преку 15 милиони производи од над еден милион компании, преку која се врши и електронска трговија. Нашиот GS1 Каталог и овозможува на Македонија приклучок во оваа област, како и пристап на сите нејзини членки во глобалната GS1 мрежа. Во моментов во нашиот каталог има преку 2.000 производи од 230 македонски компании - објасни Наумоски. Тој упати апел до стопанствениците сите активно да се вклучат во овој проект на GS1 Македонија и ги постават своите проиводи во единствениот македонски каталог на производи, што ќе придонесе заеднички да го трасираме патот за негово приклучување кон светските каталози и да придонесеме кон јакнењето на економијата на државата.

Во вториот, работен дел се одржа интерактивна работилница која го задржа вниманието на сите учесници. По воведните напомени од страна на Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија, презентација и стручно толкување на новиот Правилник за информациите поврзани со храната, објавен во Службен весник на РМ бр.150, даде примариус д-р Ленче Јовановска, раководител на сектор за храна од неживотинско потекло при АХВ.

Потоа свои презентации имаа колегите од GS1 Македонија: Билјана Рембоска, М-р Александар Кедијоски и М-р Кирил Коровешовски. Тие го презентираа новиот лик на GS1 Каталогот, неговиот редизајн и новите технички и функционални промени кои ги направиле со цел да овозможат дополнителни услуги на корисниците на каталогот и да го прилагодат на барањата од Правилникот на АХВ.

Посебно се одбележа спроведената синхронизација на GS1 Каталогот со каталогот Food Gate на GS1 Русија, со што македонските производи преку оваа синхронизација се видливи и достапни пред руските синџири маркети, т.е на рускиот пазар. Во иднина се планира синхронизација на GS1 Каталогот со останатите каталозите на кои работаат GS1 организациите од регионот, што ќе им овозможи уште поголема промоција и видливост на македонскиите производи на нови пазари, те. зголемена конкурентност.

Корисни линкови