Интервју со г-дин Трајан Ангелов, country manager на Квенбергер Логистик Македонија

Jim Spittle

Вашата компанија е една од најголемите во сегментот на транспортот и логистиката во нашата земја. Дали можете кои се најчестите проблеми со кои се соочувате со трговските партнери поради нивното неимплементирање на GS1 стандарди?


Квенбергер во Македонија соработува со компании кои се со различен степен на имплементација на GS1 стандардите и употребата на баркод следливоста на артиклите низ синџирот на набавка. Во зависност од индустријата на која припраѓаат нашите клиенти, потребата за примена на GS1 стандардите се разликува.

Конкретно во логистичкиот центар во Скопје нашите клиенти се од сферата на телекомуникациската индустрија, малопродажбата и индустријата на брзо движечки производи. Кај поголемиот број на клиенти за кои извршуваме низа логистички операции, следливоста на робата е врз база на баркод на артикал.

Во случај кога ја немаме можноста за следливост на артиклите низ нашиот WMS систем поради неимплементација на основните GS1 стандарди тогаш времетраењето на логистичките операции е многу подолго и потребни се поголем број на работни часа за да ја извршиме услугата.


Вие воедно сте и една од водечките компании кои имаат имплементирано GS1 стандарди во EDI сегментот. Дали може да ни кажете на кој начин ваквата имплементација го олесни вашето работење?


Да, имаме долгогодишно искуство со примена на EDI пораките кои значително го подобрија квалитетот на нашите услуги особено во делот на cross-docking работењето. Значително го намаливме времетраењето на влезот и излезот на роба кој е извршен по претходни дадени инструкции од клиентот. Ја зголемивме контролата и следливоста на артиклите а воедно значително го подобривме и квалитетот на целокупната услуга без да генерираме дополнителни трошоци. Со користењето на EDI пораките добивме можност да понудиме низа дополнителни услуги преку кои ја зголемивме нашата конкуренттна предост на пазарот на логистиката во Македонија.


Дали сметате дека со прифаќањето на GS1 стандардите (логистичката етикета, GS1-128 бар кодовите, итн) македонските компании ќе бидат конкурентни во однос на останатите компании на светските пазари?


Секако, имплементацијата на GS1 стандардите е неминовна ако македонските компании сакаат да влезат на странските пазари. Примената на логистичката етикета е една од основните предуслови за влез на роба во Западноевропските логистички центри. Секој артикал кој влегува во системот на овие логистички центри мора да има свое баркод обележување како и низа логистички параметри кои се стандард во современото логистичко работење. Со примената на GS1 стандардите компаниите неминовно се здобиваат со многу оперативни бенефити кои на крај резултираат со помали трошоци, поголема продуктивност и секако зголемен квалитет.