еИнфo
No11 - Март 2014


Превземи PDF 

СОДРЖИНА

Семинари

Презентации


Работилници


Форум


Едукација

„GS1 DataMatrix- иднина на баркодирањето
во Здравството“

   На 21 март 2014 GS1 Македонија одржа семинар на тема: „GS1 DataMatrix- иднина на баркодирањето во Здравството“, прв семинар во Република Македонија на кој беа презентирани теоретски и практични примери на успешна примена на GS1 DataMatrix-ot, како бар код на иднината во здравството.

   Актуелноста на темата привлече голем број заинтересирани за новите трендови во здравствениот систем и ги исполни очекувањата и поставената цел на семинарот. За тоа зборува фактот на преку 100 еминентни учесници од сите сектори на Здравствениот систем: од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Бирото за лекови, Клиники и болници, Лекарска комора, производни фирми и дистрибутери на фармацевтски производи и медицински помагала, како и ИТ куќи кои се застапени со софтверски и хардверски решенија за имплементацијата на стандардите во Здравството.

   Во поздравното обраќање до присутните г-ѓа Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија изјави: „Здравствените системи низ целиот свет се соочуваат со предизвиците кои влијаат врз целокупниот дистрибутивен синџир – од производители до продавачи, дистрибутери, групи на организации и здравствени провајдери. Сите нив ги обединуваат заеднички цели: зголемување на ефикасноста во дистрибутивниот синџир, намалување на рапидно растечките трошоци, борба против фалсификати и грижа за безбедност на пациентите. Глобализацијата е присутна во сите сфери, а здравството не е исклучок, па затоа националните и локалните решенија не се ниту доволни ниту доволно ефикасни. GS1ситемот на стандарди нуди глобална, хармонизирана и интегрирана рамка за менаџирање на информациите во дистрибутивниот синџир и поедноставно усогласување со регулаторните барања и предизвиците на денешниов комплексен здравствен систем на глобално ниво. Алатката за реализација на нашите стремежи Ви ја нуди GS1 Македонија, како единствен и лиценциран претставник од GS1 Global Office за примената на Меѓународните GS1 стандарди во Република Македонија.“

   Семинарот свечено го отвори М-р.фарм. Катерина Алексоска, директор на Бирото за лекови со поздравниот говор од кој ги пренесуваме пооделните делови: „ Сакам да Ве поздравам од име на Министерство за здравство и Бирото за лекови и да се заблагодарам за укажаната можност да го отворам денешниот семинар во организација на GS1 Македонија, со која имаме многу плодна и ефикасна соработка во изминатите години.

   Зголемувањето на свесноста на сите учесници во здравствениот сектор и фармацијата за неопходноста од имплементацијата на светските стандарди во нивното работење, е еден од клучните фактори од кои зависи успешноста на реформските зафати кои ги имплементира Министерството за здравство, во насока на стандардизација и интегриран информатички систем во здравствениот сектор во Република Македонија, поради задолжителното прилагодување кон европската и светската легислатива во овој сектор.

   За потсетување, Министерството за здравство воведe национален систем за електронски евиденции во здравството, со кој се изврши унифицирање и стандардизација на начинот на комуникација меѓу надлежните институции, и сите податоци се слеваат во една централна база. Во националниот систем за електронски евиденции во здравството се интегрирани 3.600 здравствени установи во кои работат над 8.000 здравствени работници. Во него се вклучени сите учесници од примарното, секундарното и терциерното здравство, како и сите учесници во синџирот на здравствената заштита (од производители, преку веледрогерии, аптеки, болници и тн.)

   Во МојТермин е вклучено и електронско досие на секој граѓанин од Република Македонија, вклучени се сите издадени електронски упати, рецепти, болнички упати, отпусни писма, амбулантски и болнички дневници и слично. До овој момент се евидентирани 1,348,296 електронски здравствени картони, односно околу 67% од населението во Република Македонија. Исто така, во рамки на проектот на МЗ за интегрирано здравство, Бирото за лекови го надополни регистарот на лекови и медицински помагала со сите ЕАН кодови на медицинските помагала и лековите кои се регистрирани во Р.М, при што беа внесени повеќе од 240,000 ЕАН кодови на медицински производи.

   Во јануари годинава беше распишан и тендер за материјално, финансиско и сметководствено работење на сите јавни здравствени установи во Република Македонија. Целта на тој систем е следливоста на финансиите на една здравствена установа да се симне на ниво на пациент, односно да се знае што се е потрошено на еден пациент, независно дали тоа е лек, медицинско помагало или медицински потрошен материјал. За да се оствари целта на тој проект, потребно е лабелирање на сите регистрирани лекови и медицински помагала и потрошен материјал, што како процес Министерството за здравство и Бирото за лекови го започна во текот на минатата година.

   Тоа е само дел од процесот кој ќе овозможи следливост на потрошувачката на лекови и медицински помагала, како и заштеди на ЈЗУ, правилно финансирање на здравствените услуги според реалната потрошувачка, олеснета следливост на фармаковигиланцата и материовигиланцата и др.

   За комплетна реализација на овој од историска важност проект за електронско здравство во нашата држава ќе ни послужат и светските искуства, а особено на денешниов семинар ќе осознаеме повеќе за новата генерација на бар кодови GS1 DataMatrix (кон кој ќе треба производителите да се прилагодат во наредниот период), како и за искуствата за негова практична примена во специјалната болница Филип Втори, што ќе имаме можност да ги слушнеме на денешниот семинар.“

   Во работниот дел од семинарот со свои видео презентации настапија :

  • Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија на тема „GS1 Глобални стандарди за подобрена безбедност на пациентот и зголемeнa ефикасност во синџирот на снабдување“
  • Никола Димовски, директор на ИТ&Т секторот во Алкалоид АД, на тема: „GS1DataMatrix-запознавање, сегашност и иднина“
  • Васил Карев, менаџер за деловни решенија во Логин Системи, на тема: „ Примена на GS1DataMatrix решение во здравствени организации“ (конкретно во специјалната болница Филип Втори)

   Г-ѓа Слаѓана Милутиновиќ преку презентацијата ги информираше присутните на сликовит начин, поткрепен со факти и податоци за бенефитите од користење на едни единствени глобални стандарди, нивната распространетост низ светот, конкретно по земји кај кои се задолжителни, а засебно и за земји во кои е задолжителен и GS1DataMatrix-от, како и за препораките на EFPIA и FDA за кодирањето со GS1DataMatrix-от на глобално ниво. Неговата широко прифатена примена, особено во здравството се должи на неговите карактеристи кои беа потенцирани во презентацијата: има мали димензии, а можност да содржи неколку стотини информации во себе искажани преку 3.116 нумерички карактери и 2.335 алфанумерички карактери; може да се отпечати директно и на најмали хируршки инструменти; единствен бар код кој има можност за корекција на грешка, т.е во случај и до 30% оштетување на отпечатениот симбол, тој сепак може да биде прочитан.

   Г-дин Никола Димовски преку својата изврсно разработена презентација ги запозна присутните со техничките карактеристики на дво димензионалниот бар код (2D), со сите негови позитивни страни, ги изнесе компаративните предности во однос на еднодимензионалните бар кодови. Посебен акцент даде на бенефитите од неговата употреба во здравството, со препораки за неопходно потребните активности кои корисниците треба веднаш да ги превземат доколку сакаат да го фатат чекорот со светските трендови во однос на GS1стандардите и особено за GS1DataMatrix-от кој е задолжителен во поголемиот број земји, со цел да бидат подготвени за идните барања на своите трговски партнери.

   Г-дин Васил Карев на експлицитен и многу достапен начин ги објасни софтверските решенија кои се изготвени врз основа на GS1 стандардите и кои се веќе во практична примена во болницата “Филип Втори“. Со нивното користење е обезбеден интегриран систем за болничко работење кој на болницата ги донесе следните бенефити: подобрена следливост, обезбедени 5 права на пациентите, усогласеност со здравствените стандарди за акредитација на болницата, зголемена продуктивност во работниот процес, намалување на трошоци и елиминација на грешки.