Прва компанија во Македонија која изработи GS1 Логистичка етикета користејќи го софтверот на GS1 Македонија

Винарска визба „ПОВАРДАРИЕ“ АД- Неготино

Во рамките на своите редовни активности за интерактивни едукативни сесии со своите членки по одделни градови низ Републиката, GS1 Македонија на 16.05.2013 одржа работилница со членките од Неготино и Кавадардци и ја посети винарската визба “Повардарие“ АД- Неготино. Таа е меѓу првите фирми кои се зачлениле во Македонската асоцијација за нумерирање на артиклите, на 29.06 1994 година и ги баркодира своите производи со македонски бар код.

За одбележување е фактот што “Повардарие“ е првата компанија во Македонија која за решавање на проблемот со задолжителните услови кои ги постави иностраниот партнер, ги обележа своите транспортни пакувања за извоз со GS1 логистичка етикета, користејќи го софтверот на GS1 Македонија. Претставниците на „Повардарие“ ги изнесоа пред останатите присутни на работилницата своите позитивни искуства при користењето на софтверот и помошта која ја добиле од тимот на GS1 Македонија, високите оценки за квалитетно изработена логистичка етикета по GS1 стандарди и задоволството што со тоа успеале да го задржат ино партнерот за идни бизнис зделки.

Винарската визба “Повардарие“ АД- Неготино, основана е во 1963 година со основна дејност –производство на вино и алкохолни пијалоци. Сместена е во срцето на Повардарскиот регион во кој се одгледуваат најквалитетните сорти грозје. Од скромните почетоци на своето работење со само 25 вработени и 500.00 литри годишно производство, оваа година кога слави 50 години од своето постоење, може да се пофали со производство од 30 милиони литри, колку и годишно откупува од индивидуалните лозаропроизводители, долгогодишни кооперанти од регионот и исто толкав капацитет за складирање на виното.

Поттик во развојните активности во “Повардарие“ се инвестиционите вложувања кон крајот на 2008 година од страна на АД ВИНО ЖУПА –Александровац, Р. Србија, со што започнува нова ера во работењето. Континуираните странски инвестиции во производниот процес придонесуваат да “Повардарие“ прерасне во најголем производител на вино во Р. Македонија, но и да стане производител на гроздов и јаболков концентрат.

Винарската визба “Повардарие“ е извозно ориентирана компанија која 50 години успешно одговара на потребите и барањата на различните пазари. Повеќе од 80% од производството како наливно или флаширано вино го пласира на странските пазари: Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Црна Гора, Чешка, Германија, Кипар и други.

Најбарани вина се од следните сорти на грозје: Мерло, Каберне Совињон, Вранец, Пино ноар – од црвените, а од белите сорти се: Шардоне, Жилавка, Смедеревка, Траминец, Ризлинг, Совињон бланк.

Умешноста за правење на вино на тимот на технолози во “Повардарие“, техниката и технологијата која се користи, како и поволните климатски и почвени услови (судир на континенталната и медитеранската клима, многу топли, сончеви денови, најмал процент на врнежи, највисок процент на природни шеќери во грозјето), овозможуваат вината да бидат со висок квалитет и препознатливи секаде во светот.

Во своето работење ги имплементираат меѓународните GS1 и HACCAP стандардите, што се основни предуслови за пробив на странските пазари.

 “Повардарие“ се грижи не само за воведување на нови техники и технологии, туку и за културното наследство. Од 1998 година ја возобновува вековната традиција на прославување на 14 февруари – св. Трифун, заштитник на лозарите и организираат пригодни свечености во присуство на многу домашни и странски гости. Планираат во иднина оваа манифестација да стане една од поголемите во Македонија.