Промоција на GS1 EDI во Македонија

На 10.12.2015 година GS1 Македонија заедно со нашата членка СИГМА – СБ организираше промотивна конференција на тема: Комуникацијата – клуч за водење глобален бизнис.

Целта на Конференцијата беше да се запознае пошироката македонска јавност со придобивките од користењето на иновативната алатка за електронската деловна размена на информации и пораки, те. комуникација без хартиени документи, по GS1 стандарди.

Според масовното учество на бизнис заедницата и интересот кој го предизвика, беше во согласност со мотото на конференцијата: „Иднината на меѓукомпаниската комуникација“.

Воведно излагање и видео презентација за EDI (Electronic Data Interchange) по GS1 стандарди одржа г-ѓа Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија.Таа истакна дека промотивната конференција има за цел да придонесе за осовременување и подигнување на повисоко ниво на комуникацијата меѓу македонските компании која треба да соодвествува со високите стандарди кои ги применуваат компаниите во развиениот свет.

Во својата презентација за областите во кои се користат GS1 стандардите и видовите на идентификациските клучеви, Милутиновиќ истакна дека GS1 системот на стандарди во светот е најмасовно користен во однос на сите други стандарди, бидејќи наоѓа примена како во деловниот свет, така и во нашето секојдневно живеење. GS1 EDI означува електронска комуникација со користење на стандардни деловни пораки. EDI како технологија е ефикасна бизнис алатка за автоматски, директен пренос на деловни пораки меѓу партнерите со голема брзина и точност. Во понатамошното излагање Милутиновиќ се заблагодари на г-дин Славчо Бујароски, управител и сопственик на Сигма-СБ , чија софтверска куќа ја креираше платформата SSBEdi по GS1 стандарди која ќе придонесе за побрзиот развој на електронската размена на податоци помеѓу македонските компании, а со тоа и за зголемена конкурентност на истите.

Во својата промоција на платформата SSBEdi, Бујароски се осврна на придобивките кои ги добиваат компаниите :„ При имплементацијата на EDI, една од главните придобивки, освен заштедата на време, е избегнувањето на човечкиот фактор, бидејќи станува збор за комуникација компјутер со компјутер. Така, при креирањето на нарачката која класично се испраќа по мејл или по факс, сега се внесува на рачен компјутер и кога ќе биде креирана во системот, таа преку нашава услуга директно се пренесува во изворна форма и повеќе нема простор за интервенирање во неа. Нарачката се пренесува во истиот момент и има историја кога точно е пренесена, дали е пренесена и сл. Со оваа услуга „Сигма СБ" обезбедува комуникација меѓу компаниите, при што една од главните придобивки е заштедата на време при обработката на документите и информациите. Поддржувач на услугата е GS1 Македонија, која ги спроведува глобалните стандарди и која изминативе години одржуваше низа едукативни семинари и работилници, со цел да ја доближи темата до бизнис заедницата“.

Меѓудругото, освен услугата за EDI, „Сигма СБ" нуди и консалтинг како да се организира работењето, а нуди и техничка поддршка при имплементацијата.

Корисни линкови