GS1 Македонија - повеќе од 20 години со Вас

Од формирањето во 1994 година, GS1 Македонија функционира во рамките на Стопанската комора на Македонија под името ЕАН МАК и е полноправна членка на Меѓународната асоцијација за нумерирање на артиклите EAN International, која од 2005 година е со ново име GS1 (Global Standard One), со седиште во Брисел (Белгија) и Принстон, Њу Џерси (САД).

Од 15 март 2006 година, а врз основа на Меморандумот потпишан на 7 февруари 2006 година во Брисел, Белгија, GS1 Македонија е членка на регионалната организација GS1 Europe и е прва организација од Република Македонија признаена под уставно име.

Согласно Одлуките на Собранието на GS1 Македонија од 16.01.2006 година, ЕАН МАК го менува името во GS1 Македонија. Статусот на членките останува непроменет со задржан континуитет во членувањето и во меѓусебните права и обврски.

Во GS1 Македонија членуваат приближно 1000 фирми, кои со бар кодирањето на своите производи и услуги се вклучени во современите светски бизнис текови користејќи го заедничкиот јазик и глобалните стандарди за подобрување на својата конкурентност. Од 1994 година трендот (>10%) на годишното зголемување на членството во GS1 Македонија е стабилен.

Доминантен број на членките (90%) се мали и средни фирми. Во GS1 Македонија членуваат и големи компании и системи, значајни чинители на македонската економија, етаблирани во националната и меѓународната бизнис заедница. Структурната застапеност на членството по дејности е иста со години, односно доминираат секторите на производството и трговијата, со приближно изедначено учество од околу 50%. Во последните две години GS1 стандардот се повеќе се имплементира и развива во секторот Здравство и Транспорт и логистика.

GS1 Македонија е организација посветена на подобрување на ефикасноста во трговијата и барањата во синџирот на снабдување, глобално и низ сектори. Цели 20 години GS1 Македонија помага во деловното работење на македонските стопански субјекти и бизнисот, односно создава услови да македонската бизнис заедница во рамките на своите можности ги реализира бенефитите на електронскиот бизнис и трговија.

GS1 Македонија обезбедува поддршка на приближно 1000 компании од повеќе сектори. Ние развиваме стандарди кои го подобруваат деловното работење и овозможуваме на македонската бизнис заедница и на македонските производи присуство и конкурентност на глобално ниво. Преку семинари, конференции и публикувани упатства и стандарди, GS1 Македонија врши едукација на македонското стопанство за ефикасно вклучување во современите светски текови на трговијата користејќи го заедничкиот јазик и глобалните стандарди за подобрување на својата конкурентност.

Погледнете го видеото „20 години GS1 Македонија“ за да дознаете повеќе за нас.