Работна посета на „Eвропа“ ДООЕЛ - Штип

Тимот на GS1 Македонија на 14.06.2013 година, по одржаната интерактивна работилница со членките од Штип и Пробиштип, ја посети кондиторската фабрика “Европа“ ДООЕЛ Штип и оствари многу корисни разговори со менаџментот. При тоа, директорката на GS1 Македонија ги запозна присутните со најновите светски трендови во имплементација на GS1 стандардите и им понуди поддршка и стручна помош при нивното воведување во идното деловно работење, со што би станале поконкуренти во освојувањето на новите пазари и задоволување на барањата на странските партнери.

Европа ДООЕЛ е дел од Макпромет групацијата која датира од 1957 година. Таа е членка на GS1 Македонија од 30.01.2001, ги баркодира сите свои производи и ги имплементира GS1 стандардите во своете работење. Европа ДООЕЛ е специјализирана за производство на гуми за џвакање, лижавчиња, карамели и бонбони, алва и желе. Поради тоа што произведува специфични слатки- мали по формат кондиторски производи, ги означува производите и со ЕАН-8 бар кодот, кој е наменет токму за таков тип на производи.

       

Тимот на GS1 Mакедонија ги посети магацините на Европа ДООЕЛ и даде свои сугестии како да се имплементираат GS1 стандардите на едно повисоко ниво, со цел да се подобри магацинското работење. Го презентиравме нашиот софтвер за генерирање на GS1-128 и GS1 логистичка eтикета, со цел да им се објаснат бенефитите од нивна употреба. При тоа, сугериравме да автоматското генерирање на GS1-128 и GS1 логистичка eтикета се вметне во моменталното ERP решение кое го користи Европа ДООЕЛ. Со автоматското генерирање, означување на цела хиерархија на пакување по GS1 стандарди, ќе се подобри работењето, ќе се зајакне брендот и Европа ДООЕЛ ќе стане поконкурентна на светскиот пазар.

       

Европа ДООЕЛ е компанија определена и посветена да обезбеди најдобар квалитет на своите производи – почнувајќи од основните суровини преку софистицираната технологија за производство, преработка, пакување и продажба на производите со што креираат свет полн со изненадувања на слатки мали производи за своите главни потрошувачи – децата. Високи етички стандарди се присутни во целиот процес на создавање вредности.

       

Имплементираните стандарди во Европа ДООЕЛ: ISO 9001:2008, ISO 14001:2004, OHSAS 18001:2007, HACCAP системот, се доказ за квалитетот на производите и следење на светските стандарди кои успешно се негуваат и надградуваат. Неслучајно компанијата е редовен учесник на најголемиот саем за кондиторија кој се одржува во Германија. Доказ за квалитетот на производите на Европа ДООЕЛ е и добиената награда во 2009 година "International Trophy for Quality 2009"New Millennium Award for bubble gum.


Производите на Европа ДООЕЛ се пласираат во 23 држави. Дури 80% од целокупниот производство е наменето за извоз, а 20% останува за пласман на домашен пазар. Производите на Европа ДООЕЛ се присутни на пазарите на : Германија, Шпанија, Холандија, Австрија, Англија, Унгарија, Швајцарија, Данска, Шведска, Чешка, Полска, Италија, на пазарите од регионов, како и во Израеел, Ирак и во САД.


Компанијата е во процес на редизајнирање на постоечките производи, како и воведување на нови производи и вкусови согласно барањата на нејзините најверни потрошувачи, со што ќе им се отворат можности за освојување на нови пазари.