Работна посета на „Витаминка“ АД- Прилеп прва членка која во информациониот систем воведе автоматско генерирање на GS1-128 и GS1 логистичка етикета

Витаминка АД Прилеп е меѓу првите членки на GS1 Македонија- од 23.06.1994 година, ги баркодира сите свои производи и постојано ги следи и применува сите нови развојни текови од GS1 системот на стандарди и бенефитите од нив. Како еден од од најголемите поддржувачи на работењето на GS1 Mакедонија е претседателот на УО на Витаминка АД, г-дин Симон Наумоски, кој е воедно и претседател на Собранието и на УО на GS1 Македонија.

Тргнувајќи од сопствената визија: „Развивање на брендовите на Витаминка АД со цел градење на имиџот - број еден компанија за производство на храна во Македонија и регионот“, Витаминка АД Прилеп во 2012 година отпочна со Проект на имплементација на GS1 стандардите на едно многу повисоко ниво во своето работење. Тоа подразбира воведување на нов информационен систем во кој е вметнат и комплетно нов систем за етикетирање по GS1 стандарди, на сите нивоа во хиерархијата на пакување.

Основна цел на Проектот, на кој заеднички работаат одговорни лица од Витаминка АД, тимот на GS1 Македонија и софтверската куќа одговорна за ERP решението во Витаминка АД, е означување не само на единичен производ по GS1 стандард туку и означување на хиерархијата на пакувања (кутија и палета), со кој се обезбедува комплетна следливост на производите низ дистрибутивниот синџир. Само со правилно означена кутија и палета по GS1 стандард може да се освојуват европските и светските пазари и да се биде поконкурентен.

Имплементираните стандарди во Витаминка АД како ISO 9001:2008 и HACCAP системите кои се применуваат во производствените погони се доказ за квалитетот на производите и следење на светските стандарди кои успешно се негуваат и надградуваат. Дека тоа е така потврдува и фактот дека во моментов Витаминка го имплементира и HALAL системот за квалитет, а во два погона веќе го има имплементирано стандардот IFS (International Food Standard). Сите претходно имплементирани стандарди и стандардите кои се во процес на имплементација, а се однесуваат на квалитетот на производите, дополнети со автоматско означување на хиерархија на пакување по GS1 стандарди, уште повеќе ќе ги зацврстат позициите на Витаминка АД на европските и светски пазари.

Витаминка е основана во 1956 година како погон за производство на црвен пипер. Во 1974 година таа се преобразува во вистинска прехранбена индустрија, што со текот на годините своите производи ги пласира на целиот тогашен југословенски пазар. Денес, Витаминка АД е една од нашите најголеми бренд компании извозно ориентирана. Поточно околу 45% од целокупното производство на Витаминка АД е наменето за извоз. Производите на Витаминка АД се пласираат во 28 држави. Дури 80% од целокупниот извоз е наменет за балканскиот простор, т.е. за Албанија, Бугарија и поранешните југословенски земји. Другите 20% од извозот одат на САД, Канада, Германија, Швајцарија и Австралија. Имаат извоз и во некои од африканските земји, како и на Блискиот Исток. Но, тука не се застанува, интересот за пласман на производите на Витаминка АД сега е насочен кон централно-европските земји, како Словачка, Чешка, Унгарија, Романија. Очекуваме дека со спроведување на овој проект со GS1 Македонија ќе им се отварат можности за освојување на нови пазари.

       

Во рамките на своите редовни активности за интерактивни едукативни сесии со своите членки по одделни градови низ Републиката, тимот на GS1 Македонија на 29.05.2013 оддржа работилница со членките од Прилеп и ја посети Витаминка АД со цел изворно да се информира како тече процесот на имплементација на проектот.

   

Комплетно е завршен делот за системско генерирање на GS1-128 баркодот за означување на транспортните кутии и се работи на автоматизирање на делот за генерирање на GS1 логистичката етикета, кое се очекува наскоро да биде завршено. На тој начин досегашното вон системско генерирање на GS1-128 и GS1 логистичка етикета ќе биде комплетно заменето со автоматско. Значајно е да се потенцира дека со новиот информационен систем кој е поставен во Витаминка АД е направена одлична основа за започнување и со електронска размена на податоци, т.е. ЕDI по GS1 стандарди, со што компанијата би ја зголемила уште повеќе својата конкурентност и профитабилност.